Дали сте се запрашале кој е првиот град во светот? Во моментов, како таков се смета турскиот град Чаталхојук, бидејќи тој е првата локација каде што околните села формирале центар, означувајќи го на тој начин почетокот на урбаната цивилизација што доминира во современиот свет. А токму неодамнешно револуционерно геномско истражување откри дека неолитската населба Чаталхојук во централна Туркије, го организирала своето општество околу женските лози, упатувајќи на централната улога на жените во раните земјоделски општества.
Чаталхојук е наведен на Списокот на светско наследство на УНЕСКО, а е сместен во денешната турска покраина Коња. Тој е познат и по уникатната практика на погребување на поединци под нивните домови. Неодамна објавената студија во списанието „Science“, работена повеќе од 12 години, во соработка на 47 генетичари, археолози и биолошки антрополози од Туркије и 10 други земји, даде впечатливи откритија. Како дел од нивното истражување, научниците анализирале скелетни остатоци од 395 лица кои живееле помеѓу 8.000 и 5.800 година п.н.е. и успешно ја секвенционирале ДНК од 131 лице погребано во 35 куќи.
Генетските споредби покажаа дека во Чаталхојук, мајчината линија играла позначајна улога од татковската во поврзувањето на членовите на домаќинството. Жените биле столбови на секое домаќинство, додека мажите најверојатно се иселувале. Гробовите на женски лица на малолетна возраст, исто така, вклучувале повеќе гробни добра од оние на мажите. Ова докажа дека системите доминирани од мажи, познати на европските неолитски локалитети со потекло од Анадолија, не биле вродена карактеристика на раните земјоделски општества.
Чаталхојук е град кој нуди увид во општеството кое постоело пред повеќе од 9.000 години и во него посетителите можат да патуваат назад во времето, до почетоците на човечката историја. Локалитетот е исклучителен по својата големина, долговечноста на населбата, куќите изградени во групи и со пристап од покривот, како и ѕидните слики и релјефите. Меѓу најзначајните наоди на локалитетот се бројни женски фигурини, кои го означуваат култот на Мајката Божица и матријархалното општество.
Туркије отвори и најсовремен информативен и туристички центар во Чаталхојук во 2023 година, сместен во рамките на археолошкото наоѓалиште, а нуди интерактивни дисплеи и фасцинантни мултимедијални инсталации. Ова е само дел од проектот „Наследство за иднината“, преку кој се вршат ископувања и реставраторски работи на многу антички места низ целата земја, па затоа Туркије ја нарече 2024 година „Златното доба на археологијата“.