Првиот фестивалски ден се одржа вчера во скопски Расадник, а велешани се денешни домаќини на баскерџиите. Целовечерното шоу ќе започне во 19 часот кај Амфитеатарот
Скопската општина Кисела Вода вчера беше центар на уличната уметност, каде што започна 15. издание на Баскерфест.
Стотици граѓани уживаа во настапите на над 20 интернационални артисти, жонглери, акробати, илузионисти кои ја освоија публиката со несекојдневни вештини, хумор и интеракција што внесе живот во вечерната атмосфера.
Децата беа воодушевени од шарените костими и забавните точки, а ниту возрасните не го криеја воодушевувањето од позитивната енергија и уметничките перформанси на баскерџиите кои го претворија Расадник во културна сцена под отворено небо.
На секој чекор владееше смеа, воодушевување, се нижеа аплаузи со што се создаде вистинска фестивалска магија на првиот ден од двонеделниот уметнички караван.
View this post on Instagram
По целовечерното шоу во Кисела Вода, Баскерфест 2025 денеска ќе го посети Велес. Велешани ќе имаат можност да бидат дел од уметничката магија кај Амфитеатарот од 19 часот.
Уличниот уметнички караван ќе посети вкупно девет градови и тринаесет локации низ Македонија, вклучувајќи ги Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид, Тетово, скопските општини Бутел, Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров, како и Куманово и Гевгелија, каде на 6 септември ќе се одржи последниот фестивалски ден.
Секоја фестивалска вечер, под мотото „Побарај ја забавата“ – Баскерфест 2025, ќе донесе многу емоции, смеа, изненадувања и моменти на спонтаност и интеракција меѓу уметниците и публиката кои остануваат во трајно сеќавање на сите кои ќе бидат дел од овој незаборавен уличен спектакл.