Вчера во Куќата на Робевци во Охрид беше отворена изложбата „Виртуелно патување низ пештерските цркви во охридскиот регион“. Изложбата претставува значаен чекор во приближувањето на културното наследство до јавноста преку употреба на современа технологија. Посетителите имаат можност, со едноставно скенирање на QR-код, да пристапат до 360° панорамски фотографии и да доживеат уникатно виртуелно патување низ внатрешноста на осум пештерски цркви од охридско-струшкиот регион.
Во подготовката на проектот беа спроведени теренски истражувања и фотодокументација на сакралните објекти, а изработен е и стручен извештај за нивната моментална состојба од страна на конзерватор при Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Со оваа иницијатива, не само што се обезбедува современ и иновативен начин за нивно претставување, туку се создава и важна дигитална архива за нивна иднина заштита и промоција.
Изложбата е посветена на Гоце Ангеличин Жура, основоположник на истражувањата на пештерските цркви и монашките келии во охридско-преспанскиот регион, чиј придонес е од непроценливо значење за зачувувањето и научното проучување на ова културно наследство.
Преку вакви проекти, дигитализацијата станува мост помеѓу минатото и иднината, овозможувајќи поширока достапност, едукација и почит кон богатата духовна и културна традиција на регионот.
Проектот е финансиран од Министерство за култура и туризам.