Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја објави годишната анализа во однос на состојбата со пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2014 година.
Најголем интерес секако предизвикува делот каде се анализираат финансиските резултати на телевизиските станици. Вкупните приходи што сите радиодифузери ги оствариле во 2014 година изнесувале 3.176,74 милиони денари. 41,75% од овој износ биле приходите на јавниот сервис МРТВ (од кои 64,73% од приходите се од радиодифузна такса а само 3,71% од реклами), а 58,25% приходите на комерцијалните радиодифузери.
ТВ Сител остварила повеќе приходи од рекламирање отколку сите сателитски, регионални и локални телевизии заедно
Највисоки приходи од рекламирање во Република Македонија остварила ТВ Сител (526,77 милиони денари) што претставува 44% од вкупните приходи од рекламирање на овој сегмент од телевизиската индустрија. ТВ Канал 5 успеала да привлече 21% од буџетите на огласувачите наменети за рекламирање кај телевизиите на државно ниво.Речиси подеднакво атрактивни за огласувачите биле ТВ Алфа со остварени 150,50 милиони денари од рекламирање и ТВ Алсат-М со остварени 149,05 милиони денари од продажба на времето за рекламирање.
Најмал дел од рекламниот буџет оствариле ТВ Телма – 70,89 милиони денари односно само 6% од вкупните приходи од рекламирање и Македонската телевизија – 48,48 милиони денари односно само 4%.