Скопје ќе биде домаќин на едно од најпрестижните танцови случувања во Европа – Европското првенство во модерен, џез и класичен балет 2026, кое ќе се одржи од 21 до 29 октомври 2026 година во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“.
Студиото „Брејк А Лег“ како официјлен организатор на настанот, најавува спектакл со учество на над 3.500 натпреварувачи од најмалку 30 европски земји.
Слоганот на самото првенство е – Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата.
Нашата Македонија е простор каде убавината и традицијата живеат рамо до рамо. Од вековни манастири до величествени планини, од топлината на македонското гостопримство до ритамот на народниот танц — Македонија нуди повеќе од сцена, таа нуди приказна.
За потребите на промотивните активности е создадено едно од неколкуте промотивни видеа кои ќе бидат снимени и објавувани до оджувањето на самото првенство. Главната улога во првото видео ја има Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која настапувала на сцената на Болшој театарот во Москва. Нејзиниот настап го носи духот на првенството – елеганција, сила и македонската гордост. Видеото е дело на Ненад Смиљковиќ во продукција на студиото „Брејк А Лег“ и е проследено со музика од Александар Јовевски, автор на композицијата „Игра на инструментите“, чиј звук ја истакнува магијата и културното наследство на Македонија. Атмосферата дополнително е збогатена со присуството на фолклорни играчи кои се симболот на македонската традиција.
„По огромниот успех со Светското Првенство во ХипХоп во 2024 година, странските учесници и гости со нетрпение го очекуваат следниот голем настан во Македонија. Европското првенство има за цел да ја мотивира младата популација да се занимава со танцот како уметност и спортска дисциплина и дополнително да го поттикне секторот во Македонија, кој веќе е на високо ниво. Стефанија Гаштарска е дел од визијата за ова првенство – таа е една од најуспешните балетски играчи надвор од Македонија, врвен талент со кој сите можеме да се гордееме. Маркетинг агенцијата Пипл Медиа која ќе биде одговорна за маркетингот и односите со јавност на самото првенство, бидејки изминативе неколку години се покажаа како врвни професионалци во делот на организацијата и промоцијата на сите танцови случувања кои се организирани од страна на студиото „Брејк А Лег“. Убеден сум дека оваа комбинација ќе создаде уште едно првенство што ќе ја вброи Македонија меѓу најпосакуваните европски дестинации“ – објаснува Трајче Петковски од студиото „Брејка А Лег“.
„Европското првенство во модерен, џез и класичен балет 2026 во Скопје претставува вистински предизвик, но и голема можност за Македонија да се позиционира како културен и уметнички центар во Европа. Очекувани се илјадници гости, натпреварувачи, тренери и љубители на танцот, кои ќе го почувствуваат духот на Скопје и ќе ја откријат убавината на нашата земја. Програмата ќе опфати девет дена исполнети со настапи на најталентираните балетски и џез танчари на континентот, со спектакуларни сцени и изведби кои ќе ја истакнат важноста на танцот како современа уметност и спортска дисциплина. Покрај натпреварите, на посетителите ќе им бидат понудени културни и туристички содржини, со што Македонија ќе биде прикажана во своето најубаво светло“ – додава Андријана Петковска од студиото „Брејка А Лег“.
Организаторите истакнуваат дека целта е да се создаде настан кој ќе остане запаметен по својата уметничка и организациска вредност. Со поддршката од институциите, соработката со професионални партнери и огромната енергија на младите танчари, Скопје ќе стане европска престолнина на танцот во октомври 2026 година.