Италијанскиот производител на алкохолни пијалаци Campari Group ја назначи агенцијата Zenith, дел од Publicis Media, за нов глобален партнер за медиумско планирање и закуп – пренесува светскиот адвертајзинг магазин Campaign. Вредноста на договорот се проценува на околу 88 милиони долари, а тендерскиот процес беше реализиран во соработка со консултантската компанија Mediasense.
Ревизијата на агенциското портфолио, која започна во април 2025 година, ги опфати пазарите на Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Австралија. Со оваа одлука, Zenith ги презема обврските што досега ги извршуваше WPP Media (тогаш под името GroupM) преку различни агенции на поединечни пазари.
Campari Group е сопственик на широко портфолио светски познати брендови на пијалаци, меѓу кои италијанскиот аперитив Aperol, како и Campari, Cinzano и Wild Turkey. Компанијата континуирано инвестира во глобален маркетинг со цел да го зајакне растот и препознатливоста на своите брендови.
Претходниот агенциски партнер, WPP Media, беше избран од Campari во 2017 година како партнер за управување со целокупните огласувачки и комуникациски активности на групацијата. Тогаш беше формирана посебна агенциска единица под називот Team Campari, со седиште во Милано, во непосредна близина на централата на компанијата.
















