Во моменти кога зборовите не се доволни, а тишината станува претешка, уметноста го наоѓа својот пат. Химната „Фросина“, која премиерно ќе биде промовирана и ќе се слушне на донаторската вечер „Threads of Light на 29 јануари во Станица 26, отпеана од авторот Александар Митевски заедно со Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева – како длабока, искрена и достоинствена почит кон Фросина и како силна јавна порака за смисла, одговорност и промена.
Баладата за Фросина е создадена како подарок и донација од срце за семејството и за Фондацијата „Фросина Кулакова“. Текстот, напишан од Огнен Неделковски, и музиката и аранжманот на Александар Митевски, настанале под силен наплив од емоции, во ноќи кога зборовите и мелодијата не дозволиле тишина. Така баладата „Фросина“ не се раѓа како обично музичко дело, туку е лична емотивна исповед, завет и јавна порака. Првичната демо снимка отпеана со гласот на авторот Александар Митевски сите ги остави без зборови и всушност сите едногласно решија да остане како финална снимка, поради нејзината автентичност и големата емотивност при нејзиното раѓање.
„Посебна симболика има фактот што и двете наши ќерки пораснаа со песните на овие двајца автори, кои со години беа дел од нивните детски фестивали, први настапи и уметнички развој. Токму затоа, химната „Фросина“ претставува круг што се затвора со љубов, болка и смисла – круг во кој детството, уметноста и спомените се спојуваат во една тивка, но моќна порака“, велат од семејството Кулакови.
Песната не повикува на одмазда, туку на будење на општествената свест, на грижа и одговорност, и на заштита на децата. Таа е глас на мисијата на Фондацијата – преку уметноста да се создава реална промена, поголема безбедност во сообраќајот и поддршка за семејствата погодени од трагедии.
Донаторската вечер насловена „Threads of Light“ е посветена на она што Фросина најмногу го сакаше – модата и уметноста, и претставува простор за заедништво, сеќавање и одговорност. Настанот ќе вклучи изложба, хуманитарна аукција и уметнички перформанс, а промоцијата на химната „Фросина“ ќе биде нејзиниот централен, најемотивен и најсимболичен момент.
Со оваа песна, Фондацијата „Фросина Кулакова“ го потврдува својот завет: да ја претвори болката во дејство, сеќавањето во светлина, а уметноста – во сила за промена.














