I&F Holding AB отстапи дел од својот бизнис во Југоисточна Европа (огласувачки и медиски агенции во Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Албанија и Бугарија), што сигнализира промена на фокусот кон развој на други активности во рамките на своето портфолио – стратешка комуникација, креирање содржини, филмска и ТВ продукција и други деловни иницијативи. Овој стратешки потег доаѓа како резултат на договорот со словачката компанија Across Finance. Отсега па натаму, медиските и огласувачките операции на I&F ќе бидат дел од Across Media Group, подружница на Across Finance.
Срѓан Шапер, основач на I&F Holding AB, изјави: „Задоволен сум што нашите агенции ќе го продолжат својот развој во рамките на Across Media Group во иднина. Уверен сум дека квалитетот на нашата работа, иновативноста, знаењето и трудољубивоста само ќе растат во годините што следуваат. Во последните 25 години бевме пионери во сè што направивме и создадовме агенција која беше лидер во регионот, во смисла на идеите, ефикасноста, синергијата и моќта на луѓето. Ги добивме сите значајни меѓународни, регионални и локални награди, работевме со најпрестижните компании и – на што сум особено горд – изградивме стотици млади експерти кои денес се лидери на нашата индустрија во сите земји од регионот. Што се однесува до мене лично, ќе бидам вклучени во комуникациите, забавата и уметноста, меѓу другото, преку нашата продукциска куќа Adrenalin, агенцијата Two Rivers и галеријата Novembar, која слави шест успешни години“.
Јулиус Страпек, сопственик на Across Finance, истакна: „Во Across Group, создаваме уникатни инвестициски решенија со фокус на долгорочниот развој на компаниите и активностите во кои инвестираме. Нашата цел е да направиме позитивни промени во светот во кој живееме. Среќни сме што можеме да ја објавиме нашата неодамнешна инвестиција во медиските и огласувачките компании на I&F, лидери во нивните области, со децении долго и успешно присуство на нивните пазари. Со нетрпение очекуваме да работиме заедно со тимот од искусни и докажани професионалци“.
Across Finance делува повеќе од две децении на пазарите во Централна и Источна Европа, успешно инвестирајќи во сектори како што се информатичките и иновативните технологии, услужните дејности, угостителството, благостостојбата, здравствена заштита и други.