Прославениот британски маркетинг магазин – Campaign, ги додели овогодинешните лауреати за најдобрите агенции и агенциски мрежи за изминатава година.
Како најдобра огласувачка агенција за 2014 година, Campaign ја прогласи Аdam & Eve/DDB, за најдобра огласувачка мрежа – Grey а за медиска агенција на годината Media Com.
Аdam & Eve/DDB уште еднаш ја потврди одличната година зад себе, година во која освои еден куп награди на најголемите светски креативни фестивали, потврдувајќи го лауреатото најдобра агенција за годинава кој само пред неколку дена го доби и на Eurobest.
По само три години од здружувањето на тогашната агенција Аdam & Eve со мрежата DDB, агенцијата доживеа невиден раст и препознатливост во маркетинг светот креирајќи еден куп кампањи кои ги собраа сите награди каде и да се појавеше агенцијата.
“Grey е прогласена за огласувачка мрежа на годината заради исклучителните резултати и креативни проекти кои освоија бројни награди на фестивалите по целиот свет. Grey во изминатите неколку години направи голема преобразба која за многумина во индустријата се чинеше незамислива”, вели во својот едиторијал уредникот на Campaign.
Grey, всушност, веќе седма година по ред остварува рекордни резултати како на финансиски така и на креативен план. Приходите на компанијата во 2014 година пораснаа за 761 милион долари, со раст на добивката од 15,3 %. Растот на агенцијата е резултат на бројните ново добиени клиенти и брендови како и зголемите активности со постоечките клиенти. Grey во 2014 година во рамки на Cannes Lions 2014 со своите проекти од 11 земји освои дури 35 признанија.
За медиска агенција на годината, Campaign ја избра MediaCom, втора година по ред, како потврда на континуираните успеси во агенциските процеси, додека пак за медиска мрежа на годината наградата ја понесе Starcom MediaVest Group.
Сите овогодинешни лауреати во изборот на Campaign можете да ги погледнете на следниов линк: http://www.campaignlive.co.uk/opinion/1325899/welcome-annual-2014/