Во мај оваа година, германскиот бренд за спортска облека Адидас ги соопшти плановите за справување со преостанатите патики YEEZY во вредност од 1,3 милијарди американски долари кои што се наоѓаат во нивните стоваришта по раскинувањето на соработката со раперот Кање Вест.
Наместо да ги уништи непродадените обувки, компанијата одлучи дека преостанатите залихи ќе ги стави на продажба, а дел од приходите ќе ги донира на организации кои биле погодени од контроверзните коментари на раперот минатата есен.
Сега, Адидас откри дека дониралa 110 милиони евра од најновите продажби на YEEZY за добротворни цели, а набргу ќе следуваат уште дополнителни 100 милиони евра.
Според финансискиот извештај на брендот за вториот квартал од годината, поголемиот дел од обувките биле продадени по целосна цена, заработувајќи околу 400 милиони евра.
Додека извршниот директор Бјорн Гулден призна дека компанијата наследила „многу несреќна“ ситуација, таа сега се фокусира на тоа како „да ја ограничи штетата, да се ослободи од залихите, да ги искористи приходите за добро и да го продолжи бизнисот без Yeezy“.