Во прилично редок спој на храна и мода, Adidas неодамна објави дека работи на кулинарска колекција инспирирана од 11 познати ресторани ширум светот, а нејзиното прво претставување започна од Дубаи.
За првиот модел во серијата “Adilicious”, брендот за спортска опрема се здружи со семејниот ресторан Ravi, сместен во Ал Сатва во Дубаи, кој е познат по својата автентична пакистанска кујна од основањето во 1978 година. Ресторанот е толку иконски, што гурманот Ентони Бурден еднаш го посетил локалот за да ја проба нивната вкусна пилешка tikka и зеленчуков dal.
Како основа за обувката е земена формата на моделот Superstar, дизајнирана во препознатливата пакистанска комбинација на бела и зелена боја. Годината кога е основан ресторанот е прикажана на петицата, веднаш под арапската и англиска транслитерација на името на ресторанот.
Во внатрешноста на патиките се наоѓа рачно нацртана мапа на реката Ravi во Пакистан по која е именуван ресторанот, додека пак од внатрешната стран на јазикот се испишани шестте најпопуларните ставки од менито на ресторанот.
„Понизно е да се видат толку многу култури и заедници кои се здружуваат за да ги прослават нашите традиции и корени преку храната. Ги храниме луѓето во Дубаи повеќе од 40 години, низ различни генерации, а сега пренесувањето на нашата приказна на еден поинаков начин е момент со кој нашето семејство треба да се гордее“, рече Чаудари Абдул Хамед, основач на ресторанот.
Останува да видиме кои ќе бидат останатите 10 ресторани од кулинарското патување околу светот на Adidas.