Спортскиот бренд Адидас го претстави најновиот модел на патики Адидас Оригиналс Суперстар, кој привлече внимание поради својата необична должина. Патиките се дизајнирани од страна на естонскиот рапер Томи Кеш и се долги 1 метар.
За време на договорот за соработка со Адидас, Кеш објави дека планира да ги направи најдолгите патики во светот, а ветувањето го исполни 5 месеци после тоа.
Патиките дизајнирани од Кеш се долги еден метар, а нивниот изглед не личи на останатите парчиња од линијата на Суперстар. Може да се најдат во бела и црна боја, а контрастниот колорит го објаснува раперот како ангели и ѓаволи кои живеат во него.
Како што пренесуваат медиумите, Кеш рекол дека црната и белата боја претставуваат две спротивности кои постојано меѓусебно се борат и дека нема потреба да се крие една страна од личноста кога и двете можат совршено да коегзистираат една со друга.
„Тие го одразуваат моето расположение, кое се менува секој ден“, вели Кеш.
Ограниченото издание (регуларна должина) на овој модел ќе биде достапно за купување преку апликацијата Адидас по цена од 80 фунти.