Организацијата за борба против расната дискриминација Black Lives Matter во 2020 година поднела апликација до Канцеларијата за трговски марки на Соединетите Американски Држави за правна регистрација и заштита на својот дизајн со три паралелни жолти линии и оттогаш го користи на различни производи – од облека до чанти, нараквици, па дури и чаши.
Меѓутоа, пред само два дена, спортскиот бренд Adidas поднел жалба до Канцеларијата за трговски марки на САД да ја отфрли апликацијата на организацијата Black Lives Matter, затоа што нивниот дизајн со три паралелни жолти линии премногу потсетува на Адидасовиот дизајн со три паралелни бели линии.
Adidas првично тврдеше дека сличните амблеми ќе „создадат конфузија“ и веројатно ќе ги доведат потрошувачите во заблуда, бидејќи брендот веќе привлекува „огромно внимание на јавноста“ ширум светот со своето веднаш препознатливо лого.
Па така, компанијата почувствувала дека потрошувашите би можеле „со веројатност да претпостават“ дека производите што ги нуди Black Lives Matter Global Network всушност се произведени, поврзани или спонзорирани од Adidas.
Но, сега, со навидум ненадејна промена на мислењето, гигантот за спортска опрема соопшти дека ќе го повлече своето барање за спречување на употребата на дизајнот со три ленти „што е можно поскоро“, иако компанијата не елаборираше за новата одлука.
Според новинската агенција Ројтерс, човек близок до компанијата изјавил дека ненадејниот пресврт на Adidas се должи на загриженоста дека пошироката јавност би можела погрешно да го протолкува нивното барање во однос на заштитениот знак како критика кон движењето Black Lives Matter.