Агенцијата за филм го објави конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2022 година. Во продолжение го пренесуваме оригиналниот текст на конкурсот.
Врз основа на член 25 став (1) од Законот за филмската дејност („Сл. Весник на РМ“’ бр.82/13, 18/14, 44/14, 129/15, 152/15, 39/16, 11/18 и 275/19), Агенцијата за филм на Република Северна Македонија објавува:
КОНКУРС ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ДОЛГОМЕТРАЖЕН И КРАТКОМЕТРАЖЕН ИГРАН, ДОКУМЕНТАРЕН И АНИМИРАН ФИЛМ
I. Општи информации Конкурсот се распишува за производство на:
– долгометражен (игран, документарен и анимиран) филм и
– краткометражен (игран, документарен и анимиран) филм
Филмот во зависност од креативното и финансиското учеството на Република Северна Македонија може да биде:
– Домашен филм, односно национален филм и мнозинска копродукција и
– Ко-продукциски филм со малцински финансиски удел на Република Северна Македонија (малцински ко-продукции)
Конкурсот е отворен во текот на целата година, а одлучувањето по доставените филмски проекти е двапати годишно и тоа: во Април и во Октомври.
Крајниот рок за доставување на пријави: – за првиот рок на одлучување до 31.03.2022 г. и – за вториот рок на одлучување до 15.08.2022 г.
II. Право на учество и услови за конкурирање
Право на учество на Конкурсот имаат само филмски продуценти регистрирани во Централниот Регистар на Република Северна Македонија за вршење на дејност производство на филмови како претежна дејност и продуценти кои ги исполнуваат условите наведени во точка II од Пријавата.
Во зависност од должината на времетраењето на филмот ќе се разгледуваат пријави за:
– Долгометражен игран и анимиран филм чија должина на времетраење на филмот е над 70 минути
– Долгометражен документарен филм чија должина на времетраење на филмот е над 60 минути
– Краткометражни филмови (игран, документарен и анимиран) чија должина на времетраење е до 30 минути
III. Начин и рок на пријавување
Пријавувањето на филмските проекти се врши со доставување на пополнета Пријава со прилог документација која е наведена во Пријавата.
Пријавата е составен дел од Конкурсот и е објавена на веб-локацијата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Пријавата треба да се превземе од веб-локацијата на Агенцијата за филм (www.filmagency.gov.mк ) да се пополни на македонски јазик електронски со впишување на податоци на означеното место и да се верификува.
За секој филмски проект се пополнува соодветна и одделна Пријава.
Пријавата содржи во себе подетални информации за условите за учество на Конкурсот, критериумите и мерилата за финансирање како и информации за задолжителната документација која подносителот потребно е да ја достави со Пријавата како и други документи/материјали потребни за дообјаснување на филмскиот проект, за кои подносителот цени дека е потребно да ги достави.
Целосната документација доставена со Пријавата на Конкурсот задолжително се доставува и по електронски пат на: info@filmagency.gov.mk.
Доставените Пријави и доставената документација по Конкурс не се враќаат на подносителот.
На конкурсот може да се пријават филмски продуценти со најмногу два проекти од различни категории.
IV. Приоритети за финансирање на проекти
Приоритет при одлучувањето на Конкурсот ќе имаат филмски проекти кои покрај уметничкиот имаат и третираат современи, универзални теми и се со потенцијална циркулација, ја афирмираат Република Северна Македонија, како и автентични филмски проекти од реномирани македонски автори, млади автори – дебитанти, и малцински копродукции кои ќе придонесат за унапредување на македонската кинематографија.
V. Критериуми и мерила за евалуација на проекти
Филмските проекти се евалуираат согласно Правилникот за поблиските критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање на филмски проекти од национален интерес во филмската дејност и тоа според следните критериуми:
– Оргиналност, автентичност и квалитет на содржината на сценариото;
– Режисерска експликација за проектот
– Успешност на филмскиот продуцент;
– Успешност на режисерот и
– Изводливост на филмскиот проект во однос на буџетот, сложеноста, планот и термините за снимање.
VI. Висина на учество на Агенцијата во финансирањето
- Агенцијата ќе учествува во финасирање на филмските проекти со средства во висина до најмногу 70% од вкупниот буџет и тоа за:
– Долгометражен игран и анимиран филм не повеќе од 62.000.000 денари и за долгометражен документарен филм не повеќе од 5.000.000 денари;
– Краткометражен игран, документарен и анимиран филм не повеќе од 3.000.000 денари.
- Агенцијата ќе учествува во финансирање на филмските проекти за дебитански филм со средства до најмногу 90% од вкупниот буџет и тоа за:
– Долгометражен игран и анимиран филм не повеќе од 25.000.000 денари и за долгометражен документарен филм не повеќе од 3.000.000 денари;
– Краткометражен игран, документарен и анимиран филм не повеќе од 1.000.000 денари
- Агенцијата ќе учествува во финансирање на филмски проекти од посебен интерес за Република Северна Македонија со средства до најмногу 90% од вкупниот буџет и тоа за:
– Долгометражен игран и анимиран филм кои може да бидат и повеќе од 62.000.000 денари и за долгометражен документарен филм не повеќе од 10.000.000 денари;
– Краткометражен игран, документарен и анимиран филм не повеќе од 4.000.000 денари
Задолжителни обврски за филмскиот продуцент е при изработка на буџетот во средствата кои ги побарува од страна на Агенцијата да ги предвиди и средствата за маркетинг, промоција, дистрибуција и изработка на ДВД на филмовите, како и надоместоците за авторски и други хонорари кои ќе бидат финансирани од Агенцијата да ги утврдува согласно член 28 од Законот за филмска дејност.
VII. Начин на користење на финансиските средства за проекти што ќе бидат избрани на Конкурсот
- За домашни филмови (национални филмови и мнозински ко-продукции) најмалку 65% од средствата доделени од Агенцијата мора да се трошат во Република Северна Македонија
- За ко-продукциски филмови (малцински ко-продукции) најмалку 80% од средствата доделени од Агенцијата мора да се трошат во Република Северна Македонија.
Филмскиот продуцент корисник на финансиските средства е должен истите да ги троши исклучиво од оперативната сметка за посебни намени т.н наменска сметка отворена за проектот и да се придржува до финансискиот план, оперативниот план и буџетот кои се составен дел од договорот.
По секоја фаза на реализација на филмскиот проект до Агенцијата доставува извештај за потрошени средства, документација за направените трошоци (договори, фактури, сметки) и докази за направени трошоци (изводи од банка).
VIII. Еднократен надоместок за администрирање на проектот
За администрацијата на филмските проекти (прием и архивирање на проект, копирање и достава до рецензенти, авторски хонорар за рецензенти на проектите, евалуирање на проектите и одлучување по истите, изготвување на известувања до продуцентските куќи, поштенски услуги, телефонски услуги и сл.), уплатата се врши на Образец ПП50 со цел на дознака:
Уплата за Конкурс за финансирање проекти.
Назив на примачот: Агенција за филм на Република Северна Македонија,
Банка на примачот: НБРМ, Сметка: 100000000063095,
Сметка на буџетски корисник: 180106036478714 приходна шифра: 725939 програма: 31
Висината на надоместокот за администрација на филмските проекти е:
– За долгометражни (игран, документарен и анимиран) филмови 8.000 денари
– За краткометражен (игран, документарен и анимиран) филмови 4.000 денари
Овие средства се неповратни без разлика дали проектот ќе биде прифатен или одбиен од страна на Агенцијата за филм.
IX. Начин и рок за поднесување на барањата
Пријавата со прилог задолжителна документација и друга документација за Конкурсот треба да се достават до Агенцијата за филм на Република Северна Македонија преку пошта на адреса: ул. „8 Март бр. 4, или со нивно предавање во архивата на Агенцијата со назнака „Пријава на Конкурс за производство на филмови’’, како и по електронски пат info@filmagency.gov.mk најдоцна до 15:00 часот.
X. Дополнителни информации
Дополнителни информации во врска со Конкурсот може да се добијат во Секторот за филмска и аудиовизуелна дејност на телефонскот број 02/3224-100 или електронски на: info@filmagency.gov.mk
Документацијата потребна за аполицирање по однос конкурсот може да се најде на следниот линк.