Платформата за сместување Airbnb се одлучи на хуманитарен потег за привремено сместување на околу 20.000 авганистански бегалци.
Платформата соработува со својата непрофитна организација Airbnb.org за да обезбеди краткорочно и подолгорочно привремено сместување за бегалците, понудено од домаќините на сместувачките капацитети бесплатно или по цени со попуст.
Трошоците за сместувањето ќе ги покрие генералниот извршен директор на компанијата Брајан Чески. Во меѓувреме, тој и компанијата, како и други донатори кон фондот за бегалци на Airbnb.org, обезбедиле средства за помош во повторното населување на бегалците.
Според информациите, компанијата веќе обезбедила сместување за поголем број Авганистанци во повеќе американски градови, вклучувајќи ги Сакраменто, Кливленд, Далас, Вашингтон, Њу Џерси и други.
Од Airbnb посочиваат дека хуманитарната криза се развива брзо и дека тие соодветно ќе се адаптираат кон ситуацијата за да ја дадат својата помош.