Академскиот авангарден уметник Зоран Арсовски – Бабата со своја самостојна изложба ќе учествува на меѓународниот уметнички Фестивал на светлината „Палатите ќе блеснат“, кој ќе се одржи на 23 и 24 јуни 2023 година во најубавиот средновековен град на Медитеранот – Котор во Република Црна Гора.
Овој фестивал се одржува по шести пат низ повеќе локаци во стариот дел на градот Котор. Организатори се Градската Галерија Котор и Центар за култура „Никола Ѓурковиќ” Котор. Фестивалот ќе трае два дена, а секоја вечер преку видео проекции ќе бидат презентирани уметничките дела на секој уметник посебно, во вид на самостојна изложба и обраќање на уметниците проследено со добра музика и пријатен амбиент, а посетителите во една поинаква атмосфера ќе уживаат во уметничките дела.
Арсовски на публиката ќе се претстави со дела кои се од неговиот најнов опус и се изработени во комбинирана техника со која тој е препознатлив на пошироката јавност, со оригинален свој стил за кој веќе години наназад пишува и стручната уметничка фела на историчари и критичари на уметноста, за што сведочат бројни рецензии за творештвото на Арсовски.
Тој е познат по бројни концептуални самостојни како и групни изложби и проекти со кои има учествувано на Национално и многу повеќе на Меѓународно ниво во повеќе држави низ светот. За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи.
Зоран Арсовски е роден 1980 година во Куманово, Р Македонија. Дипломирал 2005 година на Националната Ликовна Aкадемија во Софија, Р Бугарија, насока Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Во 2007 година Магистрирал на истата Академија и се стекнал со професионална квалификација Магистер по сликарство. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ)
Има учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти и симпозиуми во земјава и странство. Работи во Национална установа Центар за култура “Трајко Прокопиев”- Куманово како Стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Има работно искуство во сферата на штафелајско сликарство во познатите класични и неговите нови сликарски техники, изработува фреско живописи, икони, сценографии, илустрации и дизајн. Сопственик е на уметничка Галерија “Art Gallery Arsovski”.
Основач е на нов современ сликарски правец во уметноста наречен „Епоксилизам“, со препознатлив и оригинален стил потврден и прифатен од јавноста како и од професионалната уметничка фела.