Safe.Pharmacy е американска веб-страница посветена на заштита на луѓето преку безбедносни алатки и ресурси за верификација на аптеки и лекови. Со цел подигнување на јавната свест за опасноста од фалсификуваните лекови, Safe.Pharmacy ја лансираше својата прва кампања чија главна ѕвезда е познатиот актер Дени Трехо.
Во централниот спот на кампањата, насловена „Bad Meds“ („Лоши лекови“), го гледаме снимањето на „најлажниот филм“ на сите времиња кој нуди бројни акциони, возбудливи и тензични моменти, кои сепак во реалноста се безопасни за актерот бидејќи се исценирани. Но, она што е навистина опасно и го плаши, според Трехо, се лажните лекови.
„Изгубив толку многу пријатели и како некој што го видел тоа од двете страни на оградата, стана многу полошо со текот на годините“ – посочува Трехо во однос на кампањата.
Според Safe.Pharmacy, форензичките лабораториски тестирања покажале дека четири од секои десет фалсификувани таблети содржат потенцијално смртоносна доза на штетни состојки. Всушност, според Светската здравствена организација, повеќе од еден милион смртни случаи се случуваат годишно поради фалсификувани или супстандардни лекови. Со оглед на тоа што ковид-пандемијата натера повеќе од половина од американските потрошувачи да купуваат лекови преку интернет, а 95% од 35.000 онлајн аптеки во светот работат нелегално, ризикот од консумирањето на „лоши лекови“ е поголем од кога било досега.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција The-Artery.