Британскиот регулатор за заштита на пазарната конкуренција денес отвори официјална истрага против Амазон и матичната компанија на Гугл, Алфабет, поради загриженост дека технолошките гиганти не сториле доволно во борбата против лажните рецензии на нивните веб-страници.
Управата за конкуренција и пазар (CMA) објави дека сега ќе собере дополнителни информации за да утврди дали овие компании го прекршиле законот за заштита на потрошувачите не преземајќи доволно мерки за да ги заштитат купувачите од лажни рецензии, пренесува Ројтерс.
Потегот доаѓа после прелиминарната истрага за Управата за конкуренција и пазар, отворена во мај 2020 година, кога “под лупа“ беа неколку внатрешни системи на платформи и процеси поврзани со идентификување и ракување со измамнички прегледи.
Британскиот регулатор исто така изјави дека е загрижен бидејќи системите на Амазон не успеале соодветно да ги спречат и одвратат некои продавачи да манипулираат со оценувањето на нивните производи, при што, на пример, копирале позитивни критики за други производи и им ги припишувале на своите артикли.
„Загрижени сме што милиони онлајн купувачи можат да бидат заведени со читање лажни критики и врз основа на тие препораки да ги трошат своите пари“, рече извршниот директор на CMA, Андреа Кошчели.
Тој додаде дека исто така едноставно не е фер што некои компании ги фалсификуваат препораките со пет ѕвезди и на тој начин им даваат предност на своите производи или услуги над производите на оние компании кои што го почитуваат законот.