Дојде ноември и светските компании пополека почнуваат да ги објавуваат своите најнови реклами во пресрет на претстојната празнична сезона. Една од нив е и Amazon, која оваа година се реши да раскаже инспиративна приказна за истрајноста и одлучноста на една млада балерина.
Рекламата насловена „The Show Must Go On“ („Шоуто мора да продолжи“), пропратена со инструментална верзија на истоимената песна од Queen, ја следи 17-годишната француска балерина Таиз Виноло која и покрај сите предизвици кои ги наметнува годината и пандемијата на корона вирусот, не се откажува од својот сон. Таа продолжува напордно да вежба и да ги унапредува своите вештини во секоја дадена прилика, танцувајќи кога и каде може.
На крајот, исполнет со силен емоционален набој, нејзината сестра и заедницата од луѓе околу неа, инспирирани од нејзината истрајност, се одлучуваат да ѝ го дадат заслужениот настап на „сцена“ и пред публика, секако „адаптиран“ според карантинските услови.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Lucky Generals и продукциската куќа PrettyBird.