Амазон планира да започне нов малопродажан бизнис кој не е поврзан со неговото моментално работење преку Whole Foods Market и онлајн продажбата
Wall Street Journal објави дека компанијата планира да ја отвори својата прва малопродажна продавница во Лос Анџелес, до крајот на годината. Амазон веќе потпиша договори за закуп за уште најмалку две локации, со планирано отворање на почетокот на следната година.
Според весникот, сé уште е нејасно дали новите малопродажни продавници ќе работат под името Amazon stores.
Амазон, исто така, ги истражува можностите за аквизација со цел проширување на нов бренд на супермаркети, со купување на регионални трговски ланци , пренесува весникот.
Амазон е во преговори за отварање на продавници во трговските центри во Сан Франциско, Сиетл, Чикаго, Вашингтон и Филаделфија.
Новите продавници ќе понудат производи по пониски цени. Во асортиманот ќе има производи кои се различни од оние на полиците на Whole Foods Market.
Откако Wall Street Journal ја објави веста за плановите на Амазон, паднаа акциите на другите трговци кои работат со малопродажба во супермаркетите. Акциите на Kroger паднаа за 3,6%, на Walmart за 1% и на Sprouts Farmers Markets за 1,1%. Акциите на Амазон пораснаа за 1,4%.
Amazon.com и Whole Foods Market заедно имаат десетици прехрамбени и непрехрамбени брендови.