Хрватскиот производител на кондиторски производи Kraš им овозможи на своите фанови да испратат единствена празнична порака и во исто време да се вклучат во поддршка на развојот на креативноста. Иницијативата насловена „уКРАШете ги празниците“ (“uKRAŠi blagdane”) е резултат на програмата Sonda Designed By People одржана во креативниот центар Sonda во Вижинада, Хрватска.
Концептот се засновал на истражување на Божиќните традициите во Хрватска во текот на 20 век, кога членовите на семејството се собирале за да прават сопствени празнични украси користејќи природни материјали или материјали кои можат повторно да се употребат. Најчесто тоа биле шарени амбалажи од бонбони или златна обвивка за чоколади, а во литературата имало и забележани примери на омоти за бонбони од Kraš.
Учесниците на работилницата, под менторство на Sonda, потоа го „превеле“ овој празничен дух на традицијата на модерен визуелен јазик и концепт кој поттикнува создавање на нови семејни традиции. Па така, празничните картонски амбалажи на Kraš добија илустрации на Божиќни украси заокружени со испрекинати линии, укажувајќи им на потрошувачите дека треба да се изрежат. Целта е секако поттикнување на повторната употреба на картонската амбалажа за изработка на украси.
Како дел од кампањата беше лансирана и телевизиска реклама, како и дигитална активација во форма на конкурс за најдобри празнични украси изработени од картонските амбалажи.