На завчерашната Критична маса, поддржана од неформалната група велосипедисти „На Точак“, присуствуваше и актерката Ангела Димитрова, која возеше велосипед во карактерот на Ивана, кој го толкува во популарната ТВ серија „На терапија“.
Критична маса е настан кој се одржува секоја последна среда во месецот и во текот на кој група ентузијасти возат велосипеди низ Скопје со цел популаризација на ова урбано превозно средство кое не ја загадува околината. Завчера се одржа 66-тата по ред Критична маса во Скопје, во која од новата локална самоуправа се побара поактивно решавање на проблемите со кои се соочуваат велосипедистите, но и на пешаците и корисниците на јавниот превоз.
Како дел од промотивната кампања за серијата „На терапија“, која го доближува дејството до публиката преку „оживување“ на карактерите од епизодите во дигиталниот свет, Ангела, останувајќи во карактер, сподели и видео во живо на Facebook страницата на Ивана.
Досегашните статистики за гледаност на ТВ серијата „На терапија“, покажуваат дека постои огромна заинтересираност за квалитетен телевизиски производ на македонски јазик кај нашата публика.
Промотивната кампања, пак, продолжува да го стимулира интересот на публиката со дополнителни канали за комуникација, како лансирањето на блогот на психотерапевтот д-р Вера Арсиќ, лик кој во „На терапија“ го
толкува Бедија Беговска.
Блогот, достапен на www.drVera.mk, нуди содржини и тематики за кои карактерот директно зборува во серијата. Протагонистот во серијата, Д-р Виктор Терзиев, игран од Никола Ристановски, исто така има своја професионална веб страна, www.drTerziev.mk, на која публиката може да прочита повеќе за неговата фиктивна професионална биографија.
Клиентите на д-р Терзиев, чии засебни приказни се фокус на поединечните епизоди, имаат присуство нa социјалните мрежи „Фејсбук“, „Твитер“ и/или „Инстаграм“ каде што споделуваат содржини извлечени од сижето на серијата.
„На терапија“ е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца, во продукција на КИНО ОКО.
Серијата, во која глумат домашни актери, содржи 45 епизоди адаптирани од македонски автори и реализирани со екипа од македонски ТВ и филмски професионалци. Серијата се емитува секој работен ден во 22.30 часот на ТВ Сител, додека пак репризите се во сабота и недела во 23.30 часот.
Повеќе детали за серијата се достапни на официјалната веб страна: www.NaTerapija.mk