Ангелка Пеева – Лауренчиќ е Генерален директор на „Image PR“, а неодамна беше гостин и на 16-то „Бизнис кафе“ Македонија, каде со присутните сподели дел од своето бизнис искуство, корисни совети и научени лекции…Кога Ангелка започнала да работи односи со јавност, во земјава никој не го работел тоа: „Правило број 1 кога сакате да започнете бизнис е барајте ја потребата, не размислувајте на производот. Секогаш има нешто што некому му треба и го нема на пазарот“.
„Ако работите само за пари, парите никогаш нема да дојдат. Ако работите од љубов и со желба, парите самите ќе си дојдат“ е нејзиниот совет.
„Image PR“ постои од 2002 година, а и ден денеска има клиенти со кои соработува уште од самиот почеток. Во однос на другите вакви агенции, Ангелка смета дека „Image PR“ има предност во тоа што нуди комуникациски менаџмент, но и искуството и добриот тим.
„Image PR“ брои тим од над 50 луѓе од повеќе области и според Ангелка, вработените играат голема улога во успешноста на една компанија.
Кога станува збор за особините кои треба да ги има еден вработен во нејзина компанија таа вели: „Мора да биде вреден, мора да биде дисциплиниран, мора да го сака тоа што го работи, мора да гине за својот клиент, да верува во целта. Не мора да има многу дипломи, не мора да има многу сертификати, но мора да го сака тоа што го работи“, изјави таа.