Додека повеќето големи брендови го насочуваат својот маркетинг кон претстојното Светско првенство во Катар, има една компанија која го прави спротивното, тврдејќи дека е „анти-спонзор“ на првенството. Заземајќи гласен став против овогодишното издание на најпопуларното спортско натпреварување во светот, брендот на „крафт“ пиво BrewDog се појави со серија билборди низ Лондон кои ја осудуваат земјата-домаќин.
„Фудбалот е наменет да биде за секого. Но, во Катар, хомосексуалноста е нелегална, камшикувањето е прифатена форма на казна и во ред е 6.500 работници да умрат додека градат стадион. Затоа започнуваме со оваа кампања“ – велат од компанијата.
Овогодишното првенство во Катар е навистина контроверзно, со наводи за поткуп со цел добивање на можноста за организација, повеќе известувања за бројни смртни случаи на работници-мигранти за време на изградба на фудбалската инфраструктура и јавна загриженост за општтата безбедност на фудбалските фанови кои припаѓаат на ЛГБТ-заедницата, а планираат да патуваат на првенството. Дополнително, ова е првото Светско фудбалско првенство кое се игра во зима наместо во лето, поради топлата клима во земјата.
Со цел нивните реклами да не бидат само „празни зборови“, компанијата BrewDog ветува дека сите профити од продажбата на пивото Lost Larger за време на првенството ќе бидат донирани на непрофитни организации кои директно им помагаат на оние кои се погодени од неправдите во Катар.
„Да бидеме јасни, ние го сакаме фудбалот, но едноставно не ја сакаме корупцијата, злоупотребата и смртта. Затоа придружете ни се. Да подигнеме чаша за играчите. За навивачите. За слободата на говорот. И два прста за секој што мисли дека Светското првенство во Катар има смисла“ – истакнуваат од BrewDog.