На крајот од секоја година се осврнуваме врз оние работи кои ја одбележаа и оставија значајна трага. Кога се во прашање дигиталните и интегрирани кампањи, своја трага секако остави апликацијата на Google преку која може да го најдете својот двојник во светот на уметноста – прикачувате селфи и потоа апликацијата открива уметничко дело кое најмногу соодветствува на вашето лице.
Бесплатната алатка беше објавена уште на самиот почеток на годината под насловот „Дали вашиот портет се наоѓа во музеј?“ во рамки на апликацијата „Arts & Culture“ на Google. Оттогаш постојано се наоѓа на врвот од листите за најпопуларни апликации, како меѓу корисниците на Android, така и на iOS. (ЛИНК ЗА СИМНУВАЊЕ).
Меѓутоа, апликацијата беше достапна само во САД, и тоа не во сите држави, поради строгите закони за лични податоци. И покрај грижите на голем број луѓе, Google уверуваше дека сликите нема да бидат злоупотребени. „Кога се сликате со оваа апликација, вашата фотографија се испраќа до Google за да ги пребара уметничките дела од датабазата. Фотографијата нема да биде искористена во никаква друга цел и стои во датабазата само додека не се најде совпаѓање со некое уметничко дело,“ стоеше во соопштението на Google.
И покрај грижите и дискусиите за безбедноста на апликацијата, таа останува една од најпопуларните дигитални кампањи кои ја одбележаа 2018 година.