Откако беше пренесено дека Apple доби забрана за продажба на нивните нови модели на паметни часовници Apple Watch Series 9 и Apple Watch Ultra 2, најновата вест е дека компанијата сепак успеала да издејствува двонеделно одложување на забраната.
Спорна кај часовниците е функцијата за пулсна оксиметрија, која го мери нивото на кислород во крвта користејќи технологија базирана на светлина. Во однос на оваа технологија, Apple доби тужба од компанијата за медицински технологии Masimo Corporation за нарушување на нивниот патент уште во 2020 година.
После темелна истрага, Комисијата за меѓународна трговија на САД одлучила дека часовниците на Apple го нарушуваат патентот, по што беше донесена одлука за забрана на нивната продажба – почнувајќи од 25 декември 2023 година.
Меѓутоа, Apple поднесе итна жалба и побара привремено одложување, барајќи дополнително време од американските власти да ги проценат модификациите направени на часовниците со кои би се одбегнало прекршување на патентот.
Одложувањето важи до 10 јануари, а клучната одлука за тоа дали редизајнираната верзија на часовниците ќе биде одобрена за продажба се очекува на 12 јануари.
Целта на Apple е да фати колку толку од празничната сезона, кога се забележува најголем пораст во продажбата на нивните производи. Штом била донесена одлуката за одложување на забраната, Apple веднаш ја врати можноста за нарачка на часовникот.