Apple ја презема улогата на Pepsi како спонзор на полувременското шоу на најголемиот спортски настан во САД
Пред неколку месеци беше соопштено дека Pepsi го прекинува спонзорството на полувременското шоу на Super Bowl, означувајќи крај на еднодецениското партнерство со американската Национална фудбалска лига (НФЛ).
Како причина за повлекувањето на Pepsi беа наведени растечките трендови во консумацијата на дигитални содржини и стриминг, односно падот во гледаност на традиционалната телевизија во живо.
Оттогаш се поставија повеќе прашања за тоа кој ќе ја преземе одговорноста за организација на полувременското шоу на најгледаниот спортски настан во САД. Одговорот го добивме сега – на местото на Pepsi доаѓа Apple Music.
Стриминг платформата за музика на технолошкиот гигант Apple склучила повеќегодишен договор со Националната фудбалска лига, чија реализација ќе почне со следниот Super Bowl во февруари 2023 година.
Паралелно со објавувањето на новото спонзорство, беше откриено и името на главниот артист на следниот Super Bowl – поп и R&B ѕвездата Ријана. Ова ќе биде првиот јавен настап на Ријана од нејзиниот перформанс на доделувањето на Греми наградите во 2018, како и нејзин прв настап на Super Bowl.
Финансиските детали за спонзорството на Apple Music не беа соопштени, меѓутоа од Bloomberg проценуваат износ од околу 50 милиони долари по година.
Натпреварот Super Bowl е всушност финалето на американската Национална фудбалска лига и претставува најгледаниот настан во САД. Минатогодишното издание го гледале над 120 милиони луѓе.
Рекламите кои се емитуваат за време на Super Bowl изнесуваат астрономски цени. За следното издание во февруари, рекламниот простор е речиси распродаден, а цените достигнуваат дури 7 милиони долари за реклама од половина минута.