За да не биде надмината од Spotify, дигиталната музичка платформа Apple Music воведува нови плејлисти составени од најслушаните 25 песни во преку 100 градови низ светот. Новитетот е дел од лансирањето на iOS 14.5, кој истовремено вклучува нови поставки за приватност и емотикони.
Плејлистите ќе бидат ажурирани секојдневно, а можат да се најдат во делот “Browse” на апликацијата. За оние кои не се претплатени на Apple Music, истите можат да се прегледаат онлајн на следниот линк.
Првичниот преглед покажува дека луѓето во светот во голема мера слушаат иста музика, па така мноштвото плејлисти содржат добро познати песни од артисти како Џастин Бибер, Дрејк, Lil Nas X, SZA и слично.
Во секој случај, плејлистите претставуваат одлична можност да се види што слушаат другите луѓе ширум светот, на пример во Париз, Мадрид, Најроби и Сеул, истовремено запознавајќи се со музика од други говорни подрачја. За жал Скопје или некој друг град од Македонија не се најдоа на листата.