Најновата адвертајзинг кампања на Apple се фокусира на магијата на безжичното напојување на популарните слушалки AirPods. Како и во претходните AirPods реклами, употребена е соодветна музика и визуелна естетека која го нагласува и комплементира дизајнот на слушалките.
Главен протагонист во црно-белиот видео спот, насловен „Bounce“ („Отскокни“), е човек кој на прв поглед изгледа „безживотно“, беземоционално играјќи со топче кое отскокнува од ѕидот. Но, штом ги земе своите AirPods од уредот за безжично напојување на излегување од апартманот и ги стави во уши, неговиот живот станува своевиден танц. Тој е способен да ги надмине физичките закони и да отскокнува од апсолутно било која тврда површина како да е трамполина, движејќи се низ градот без никаков напор.
Од нивното појавување, AirPods станаа своевиден културен феномен и парче технологија кое мора да го имаат оние луѓе кои работаат во канцеларија или постојано комуницираат во движење. Најновата верзија на слушалките со безжично напојување беше лансирана во март оваа година, а во продажба беше пуштен и само уредот за напојување за оние корисници кои сакаат да ги надоградат своите оригинални AirPods кои ја поддржуваат технологијата на безжично напојување.