Американските финансиски регулаторни тела ја истражуваат новата кредитна картичка на Apple после бројни поплаки од корисници дека системот на алгоритмите на оваа картичка има дискриминирачки пристап спрема жените.
Скандалот за кредитни картички на „Епл“ започна откако софтверскиот инженер Дејвид Хајнемаер Хансон преку Твитер се пожалил дека системот му одобрил 20 пати поголем кредит од неговата сопруга, иако двајцата поднеле заедничка даночна пријава, а тој имал и полош кредитен статус од неговата сопруга.
Наскоро го контактирале од службата за корисници на Apple и го подигнале дозволениот кредитен лимит на неговата сопруга, но им било кажано дека не можат да сторат ништо за тоа како работи алгоритмот.
Откако неговиот приговор станал вирален, и други корисници на Apple се пожалиле на истата работа. Меѓу нив бил и ко-основачот на Apple, Стив Возниак, кој добил десет пати поголемо пречекорување на лимитот од неговата сопруга. Возниак отиде чекор подалеку, повикувајќи ги властите да го истражат начинот на кој функционираат black box алгоритмите, за кои експертите велат дека често се дискриминаторски.
“Немаме транспарентен преглед за тоа како овие компании ги поставуваат овие работи и како функционираат. Алгоритмите очигледно имаат недостатоци“, вели Возниак.
AppleCard е издадена од Голдман Сакс, а Финансискиот сервис на Њујорк (ДФС) одлучи да покрене истрага за таа картичка, врз основа на сите поплаки.
“Секој алгоритам што намерно или ненамерно ги дискриминира жените или која било друга заштитена група го крши законот на Њујорк“, изјави портпаролот на ДФС за „Њујорк Тајмс“.
Од Голдман Сакс одговорија и ги отфрлија сите приговори дека користат дискриминаторски алгоритми, додавајќи дека не користат никакви алгоритми што донесуваат одлуки засновани врз фактори како што е полот.
Од Apple сè уште официјално не се огласија по тој повод.