На 26.06.2022 година се заокружија 70 години од формирањето на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, особен општествен чинител во сите сфери од животот. На овој датум, во 1952 година со Решение на тогашното Министерство за внатрешни работи се одобрува основање и работа на Друштво на архитекти на Народна Република Македонија – ДАМ со седиште во град Скопје и со право на дејност на подрачјето на Народна Република Македонија. Формирањето на здружението се случило само по седум години од завршувањето на Втората светска војна и три години од отпочнувањето со работа на Техничкиот факултет во Скопје. Хронолошки, на формирањето на Друштвото на архитекти претходело формирање на Здружението на инженери и техничари, веднаш после војната во април 1945 година, по што следело и формирање Сојуз на здруженијата на инженери и техничари на Југославија, за подоцна да отпочне формирање на друштва на поодделни инженерски струки, кои до крајот на постоењето на Југославија биле дел од номенклатурата на ССРНМ (Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија).
Друштвото на архитекти на Македонија – ДАМ функционира со овој назив сé до 1980 година, кога се преименува во Сојуз на друштва на архитекти – СДАМ, трансформација со која е воспоставена нова организациска структура и се формирани градски друштва на архитекти, низ целата република. Како современ облик на граѓанско здружување врз база на стручна профилација, во 1999 година СДАМ се преименува во Асоцијација на архитекти на Македонија – ААМ.
Првиот претседател на Друштвото на архитекти бил Сотир Томовски, еден од само петте архитекти кои работеле во Македонија пред војната. Според евиденцијата на Асоцијацијата, Претседатели биле и Борис Чипан, Александар Жупан, Љубе Пота, Крум Томовски, Михо Чакеља, Душко Пецовски, Љубомир Томиќ, Славко Брезовски, Живко Поповски, Трајко Димитров, Александар Смилевски, Александар Николски, Кирил Муратовски, Александар Карев, Панта Христовски, Венцислава Гаврилска, Вангел Божиновски, Вања Стефановски, Зоран Ивановски, Тихомир Стојков, Драган Стојановски, Кокан Грчев, Даница Павловска, Сања Раѓеновиќ, Мартин Пановски.
Голем број од овие истакнати архитекти денес се историја на културата во нашата држава.
“На самите почетоци, активностите на тогаш ново оформеното Друштво на архитекти – ДАМ не биле чести, ниту значајни. Генерално се работело според политички директиви, a проблеми со струката речиси и немало. Речиси сите дипломирани студенти на Техничкиот факултет во Скопје веднаш добивале работа. Прва позначајна активност на ДАМ било организирањето на собир на архитектите на Југославија во Охрид во 1958 година, стручен собир на кој почнале да се водат критички дебати и да се организираат изложби на архитектонските творби во земјата и странство“, потенцирал во свои обраќања Проф. Борис Чипан.
Во едно сеќавање, Проф. Крум Томовски ќе посочи дека “отпочнувањето со работа на Друштвото на архитекти на Македонија е битен момент за архитектонското формирање и опстојување на тогашните нови генерации архитекти. Тоа се години кога се поставени основите врз кои се градела архитектурата како професија, како образование, време на афирмација и општествена валоризација. Со оглед на малиот број школувани архитекти во тоа време, јавноста не била на чисто за тоа за каква професија станува збор и токму затоа повеќето разбирале дека се тоа некакви „цртачи“ и ништо повеќе од тоа“. Затоа, според него, тоа биле години на самодокажување и афирмација на архитектурата како креативна професија и како зачетник на секој градбен процес, од идеја, план, проект и изведба.
Друштвото на архитекти – ДАМ ја има пионерската задача во толкувањето на суштествената улога на струката – Архитект и сите нејзини специфики, за која низ времето и со зголемување на динамиката на поствоената изградба на тогашна Југославија станувало многу појасно која е всушност улогата на архитектите. Здружението на архитекти е важен сегмент и во едукација во професијата. Преку реализацијата на разни советувања, конгреси на одредени проектантски теми биле промовирани идеите на архитектите низ концепти, проекти и изведени дела.
Земјотресот во Скопје носи нови ангажмани на архитектите, а со тоа и нов начин на делување на нашето здружение. Настапува време на интензивна изградба, комуникација со светски познати и признати авторитети. Со тоа македонската современа архитектура станува препознатлива и признаена ширум светот и é предмет на стручни, научни истражувања и расправи.
Денес, Асоцијацијата на архитекти – ААМ е предводник на критичката професионална мисла и став, наспроти лаичките обиди за деградација и отфрлање на занаетот, нешто на кое бевме сите сведоци во изминатата деценија преку озлогласениот квази – проект „Скопје 2014“. ААМ на време го препозна ваквиот ретрограден план и донесе Декларација со која го отфрли и го прогласи за непрофесионален и политички.
Целите и задачите на ААМ декларирани во Статут според кој, делокругот на работа на ААМ е подреден на поширокиот интерес за развој, унапредување и афирмација на архитектонската професија, како на територијата на Р.С. Македонија така и во меѓународни рамки. Во таа смисла, ААМ посебно води грижа за развојот на архитектурата и архитектонското творење во Македонија, афирмација на македонската архитектура и творештво во меѓународни рамки, следење на случувањата на полето на архитектурата и вклучување во современите текови на развојот на архитектонската мисла, теорија и практика, следење и унапредување на нивото на архитектонската едукација, практика и квалитетот на архитектонската продукција. Дополнително, како Здружение, ААМ интензивно следи и присуствува во работата на Органи и Институции кои ја регулираат материјата на архитектонската практика и донесуваат прописи и закони од доменот на архитектурата, градежништвото и просторното планирање и давање на релевантни мислења по однос на истите. Во Статутот на ААМ се наведени и други важни цели и одредби со кои е потврдена важната општествена улога во обликувањето и организацијата на изградениот простор, градејќи ги идентитетските карактеристики на нашата материјална култура.
Дел од активностите на ААМ се артикулирани низ неколку институции кои низ децениите од своето постоење се етаблирани како важни културни настани: АА – Архитектонската Академија, во која членуваат доајени на македонската архитектура, носители на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“; Големата годишна награда која ААМ ја доделува на најдоброто изведено архитектонско дело во државата; И најзначајната манифестација БИМАС – Биенале на македонската архитектура, презентација и валоризација на двегодишната продукција на архитектите од Македонија. БИМАС е и една од позначајните културни манифестации воопшто во нашата држава, која вообичаено се одвива низ петнаесетдневна разновидна програма, а завршува со доделување на „Гран – при“ награда за најуспешно реализирано архитектонско дело како и други награди по категории.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија пред повеќе од 15 години беше и еден од основачите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Р.С. Македонија, чекор со кој беа воведени нови правни и стручни критериуми во регулирање на инженерските професии.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија е член на Меѓународната Унија на Архитекти (UIA), Регион 2, како и на Балканскиот Архитектонски форум, со кој во моментот и ко-претседава и е придружен член на Архитектонскиот совет на Европа. Со тоа македонските архитекти се во постојан контакт со случувањата на полето на архитектурата во светот и активно учествува во меѓународните здруженија што е овозможено со нејзиниот статус на граѓанско здружение што е еден вид на невладина организација и како таква и е овозможен пристап до разни меѓународни стручни активности.
ААМ беше, остана и ќе биде најширокиот демократски форум за стручна дебата кој навидум директно нема моќ да одлучува, но индиректно, преку учество со свои претставници во комисии и одбори како стручни тела во институциите кои законски одлучуваат за просторот има можност за влијание на струката во политички одлуки. ААМ од секогаш јавно настапува со изградени стручни ставови во прилики кога станува збор за дејствија и активности во просторот во кој живееме во насока на заштита на јавниот интерес низ подобрување на животните просторни услови на луѓето како колектив, имајќи ги во предвид поединечните потреби и желби на секој од нас.
Затоа, сите ние архитектите и другите поддржувачи на архитектурата, како поединци и државата преку своите институции имаме обврска да се грижиме за опстојувањето на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Седумдесет години постоење е пригода за славење, но и обврска да се продолжи и понатаму со активности на полето на афирмација и поддршка на македонската архитектура и на нејзините протагонисти преку заземање на нивно достојно место во нашата општествена хиерархија.
Нека е честит јубилејот 70 години постоење на Асоцијацијата на архитекти на Македонија!
Претседател на ААМ, Мишко Ралев