Според вестите кои пристигнуваат од Германија, автомобилските брендови Audi и Porsche го убедиле Бордот на директори на матичната групација Volkswagen дека нивниот влез во Формула 1 на компанијата ќе ѝ донесе повеќе бенефит отколку трошоци.
Информацијата доаѓа од генералниот извршен директор на Volkswagen Group, Херберт Дис, кој посочи дека Бордот на директори првично имале несогласувања со двата брендови околу влезот во Формула 1, но на крај сепак биле убедени.
Во моментот, се чини дека плановите на Порше за влез во Формула 1 се поконкретни од оние на Ауди. Наводно, Порше има намера да склучи партнерство со тимот на Red Bull, кој моментално го има светскиот шампион Макс Верстапен. Но, како цена за влезот во Формула 1, Порше ќе мора да ги скрати своите инвестиции во други тркачки натпреварувања.
Од друга страна, пак, Ауди планирале да дадат понуда од 500 милиони долари за партнерство со британскиот тим на McLaren.
Нема сомнение дека неверојатната рекламна моќ на Формула 1 беше значаен императив за одлуката на брендовите, особено имајќи го во предвид фактот дека тркачката серија, почнувајќи од 2023 година, ќе се прошири и на американскиот пазар со три трки во Мајами, Тексас и Лас Вегас.