Најпопуларниот речник на англискиот јазик во САД, Merriam-Webster, го претстави својот избор за збор кој ја одбележа изминатата 2023 година, а тоа е: “authentic” („автентично“).
„Подемот на вештачката интелигенција помогна да се поттикне интересот за зборот. Границата помеѓу „вистинското“ и „лажното“ станува сè понејасна. Како резултат на тоа, во социјалните медиуми и маркетингот, автентичноста стана златен стандард за градење доверба – а автентичноста, иронично, стана перформанс“ – објаснува Питер Соколовски, уредник на Merriam-Webster.
Според речникот, зборот „автентично“ има повеќе од едно значење. Освен што опишува нешто што „не е лажно или имитирано“, исто така ги одразува атрибутите „верни на сопствената личност, дух или карактер“ и „сообразување со оригиналот за да се репродуцираат суштински карактеристики“.
Покрај „автентично“, од Merriam-Webster претставија уште неколку зборови кои забележале значително внимание во 2023 година. Меѓу нив се најдоа: „дипфејк“, „дистописко“, „крунисување“ и “Rizz” (сленг термин за романтична привлечност или шарм).