Американскиот бренд на вода и безалкохолни пијалаци Liquid Death веќе стана препознатлив по своите крајно необични и тотално откачени реклами. Се чини дека таквиот пристап им функционира, па брендот се реши да го продолжи и во однос на својата нова линија на ладни чаеви.
Рекламата започнува со стереотипен „батка“ кој се исмева со идејата за леден чај, велејќи дека тоа е „енергетскиот пијалак на неговата баба“. Она што следува е пак показател колку всушност бабите знаат да бидат енергични под „влијанието“ на леден чај.
Во понатамошниот тек на рекламата гледаме група од баби кои свират дет метал во некој мрачен подрум, проткаено со сцени од тоа како дрифтаат со автомобил, изведуваат акробатски потези со скејтборд и прават бељи со пиротехника. :)))
Но, како што неочекувано влета дет металот на почетокот, така крајот на рекламата е резервиран за смирувачка класична музика, порцелански чајник и пораката: „Немојте да се плашете. Тоа е само леден чај.“
Спотот е режиран од страна на Џеф Тремејн, најпознат по својата работа со реалити шоуто “Jackass” во кое членовите на екипата изведуваат откачени, опасни и комични потфати.
Ледените чаеви на Liquid Death доаѓаат со микродоза од 30 милиграми кофеин и мала доза на засладувачки екстракт од агаве, како контраст на вообичаените енергетски пијалаци кои содржат стотици милиграми кофеин и десетици грама шеќер. Чаевите на Liquid Death ќе бидат достапни во три различни вкусови со ептен металски имиња: Armless Palmer, Grim Leafer и Rest In Peach.