Во своето прво обраќање за „Состојбата на Унијата“, американскиот претседател Џо Бајден ги повика законодавците да донесат нови правила со кои ќе се зајакне безбедноста на децата на социјалните медиуми како Фејсбук и Инстаграм.
Конкретно, Бајден побара од американскиот Конгрес да воведе посилни правила на приватност за децата, да ги забрани рекламите кои таргетираат деца и да ги притисне социјалните мрежи да ги дизајнираат своите продукти со безбедноста на децата во нивниот фокус. Белата Куќа исто така планира да ги притисне дигиталните алгоритми кои дискриминирачки таргетираат деца, особено оние кои доаѓаат од малцински заедници.
„Време е да ја зајакнеме заштитата на приватноста, да го забраниме таргетираното огласување кон децата и да побараме од технолошките компании да запрат да собираат лични податоци за нашите деца“ – посочи Бајден во своето обраќање вторникот.
Американскиот претседател исто така соопшти дека ќе побара 5 милиони долари од својот буџет за следната година да бидат наменети за истражување на негативното влијание кое социјалните медиуми го имаат врз менталното здравје на своите корисници.
Барањето на Бајден доаѓа неколку месеци откако поранешниот вработен во Фејсбук, Френсис Хоген, излезе со обвиненија и потоа сведочеше пред Конгресот за негативните влијанија на социјалните медиуми врз младите луѓе.
Токму Хоген беше присутен на обраќањето на претседателот Бајден како специјален гостин на првата дама Џил Бајден.