Британскиот јавен сервис BBC лансираше нов канал за нордиските земји, BBC Nordic, со спојувањето на досегашните BBC Brit и BBC Earth, обезбедувајќи прилагодена програма за гледачите во Норвешка, Шведска, Данска, Финска и Исланд.
Брендирањето на новиот канал се фокусира на мотивот “The Bright Side” („Светлата страна“), осмислен и развиен од дизајнерското студио Weareseventeen. Инспириран од светлината, дизајнот е изграден околу симболот на светлосен зрак поставен дијагонално, а наречен „раб на призмата“.
Според идејното решение, визуелниот идентитет на новиот телевизиски канал треба да пренесува значење поврзано со категориите „интелигенција“, „остроумност“ и „контраст“. Според дизајнерите, работ на призмата овозможува наслојување на специфични светлосни решенија со цел да рефлектираат специфични „расположенија“, односно „емоции“.
Дијагоналниот зрак е внесен и во логото на “on demand” верзијата на каналот, Nordic+, обединувајќи ги во себе буквата “N”, плусот и косата црта.
„[Симболот] може да го претставува љубопитниот документарец кој ја лови најдобрата снимка во природата, или преку својата страсна и интензивна емисија на светлина, да покрене и да акцентира спротивставени мислења. Алтернативно, го евоцира повикот и одговорот помеѓу изведувачот и публиката, носејќи го тој момент на еуфорија – секогаш одржувајќи го чувството дека работ е единствената точка на фокус бидејќи тоа е нашата порта кон Светлата страна“ – објаснуваат од дизајнерите од Weareseventeen.