Една од рекламите емитувани за време на овогодинешниот Супер Боул кои предизвикаа најмногу внимание кај јавноста беше онаа на американскиот ланец за кафе и крофни Dunkin’ Donuts, во која се појавија повеќе познати личности како Бен Афлек, Џенифер Лопез, Мет Дејмон, Том Брејди, Џек Харлоу и Фет Џо.
Премисата на спотот е следна: Популарната Џеј Ло се наоѓа во музичко студио, веројатно работејќи на нејзиното следно издание. Во меѓувреме, нејзиниот партнер, актерот Бен Афлек, сака да се вклучи во музичкиот свет и да ѝ покаже што знае, иако неговите пријатели не се толку ентузијастични како него.
Следува сцена во која Афлек, придружен од своите другари, инаку сите облечени во брендирани комбинезони со Dunkin’ Donuts, влегуваат во студиото кај Џенифер Лопез за да изведат музичка точка карактеристична за таканаречените „бој-бендови“. Очекувано, изведбата е далеку од воодушевувачка, Џеј Ло пропаѓа од срам, а Бен Афлек нервозно го напушта студиото.
Рекламата е создадена во соработка со креативната агенција Artists Equity.