Холивудските ѕвезди и добри лични пријатели Бен Афлек и Мет Дејмон ги здружуваат силите за да лансираат нова продукциска компанија која на креативците ќе им доделува поголем дел од „колачот“ на остварените комерцијални проекти.
Студиото ќе го носи името Artists Equity, а својот прв филмски проект ќе го работи за брендот Air Jordan. Филмот треба да се појави следната година, при што режисер ќе биде Афлек, со Дејмон во главната улога.
Компанијата се надева дека ќе лансира најмалку пет проекти секоја година, притоа фокусирајќи се на оптимизација на продукцијата „со споделено учество во комерцијалниот успех на проектите“.
Студиото веќе има обезбедено финансирање од 100 милиони американски долари од инвестициската компанија RedBird Capital Partners, при што двајцата актери исто така вложиле необјавена сума на капитал.
Во изјава за The New York Times, филмското дуо истакнува дека сакаат на поправеден начин да ја вратат вредноста на позадинските улоги во продукцијата, и тоа не само за сценаристите или режисерите, туку и за кинематографите, монтажерите, дизајнерите и другите креативци кои се, според нив, недоволно платени.
Отсега натаму, Бен Афлек ќе работи исклучиво за Artists Equity, додека пак Мет Дејмон се согласил да глуми во одреден број филмови и да продуцира исклучиво за студиото.