Сите спортски натпревари на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој во 20 до 26 јули ќе се одржи во Скопје, Куманово и Осиек ќе бидат целосно бесплатни за посетителите! Граѓаните ќе имаат можност без билет и без резервации да присуствуваат на натпреварите што ќе се одржуваат во спортските арени, како и да бидат дел од атмосферата на најголемиот спортски настан во историјата на Македонија.
Оваа иницијатива е во духот на вредностите на олимпиското движење – единство, пријателство, инклузивност и спортски дух, и има за цел да ги доближи спортот и младинската енергија до што поголем број граѓани: семејства, ученици, спортски ентузијасти и сите љубопитни посетители. Во рамките на фестивалот, над 4000 млади спортисти од 49 европски земји ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини, меѓу кои атлетика, пливање, кошарка, ракомет, џудо, велосипедизам, гимнастика и други. Скопје ќе пулсира со спортска енергија, со младешка страст и со духот на европската солидарност, а секој посетител ќе може слободно да ужива во натпреварите, да навива и да биде дел од европската спортска историја.
И покрај тоа што натпреварите се отворени за сите посетители, организаторите сакаат да ја информираат јавноста дека некои арени ќе имаат ограничен простор за публика, поради карактеристиките на објектите:
- Салата Партизан, каде што ќе се одржуваат натпреварите во стрелаштво и пинг-понг, има мала трибина за гледачи и ќе прима ограничен број посетители.
- За време на пливачките натпревари, голем дел од трибините ќе бидат резервирани за тимовите, што ќе ја намали можноста за гледачи.
- Дополнителни ограничувања може да се појават и кај други спортови, особено во финалните натпревари, каде што се очекува голема посетеност.
Организацискиот тим е свесен за овие предизвици и работи интензивно на тоа сите детали околу пристапот до трибините да бидат навремено и транспарентно објавени. Наскоро ќе биде објавена и посебна политика за седење на AFF (Athlete Family & Friends) гостите, за да се обезбеди јасна координација и фер можност за да присуствуваат сите заинтересирани.
Покрај во спортските натпревари, посетителите ќе можат и да уживаат во културни програми, фан-зони, концерти, дружења со спортистите, како и активности со официјалната маскота Shiny. Покрај тоа, ќе можат да учествуваат и во креативни работилници и да ги откријат вредностите на олимпиското движење низ дружење, забава и спорт.
ЕМОФ Скопје 2025 е многу повеќе од спортски настан – фестивалот претставува празник на младоста, културата и европската поврзаност.
Повеќе за фестивалот ЕМОФ Скопје 2025 можете да дознаете на следниот линк – https://www.instagram.com/skopje_2025/