Медиската агенција iProspect од мрежата на Dentsu соопшти дека го добила договорот за офлајн медиско опслужување на автомобилските брендови BMW и MINI на европскиот пазар.
Договорот следи како резултат на конкурентна ревизија спроведена од страна на BMW Group. Со назначувањето на iProspect, агенцијата ќе биде задолжена за консолидирање на офлајн медиската стратегија, планирање и закуп на BMW Group на 24 европски пазари.
Агенцијата претходно има соработувано со BMW Group на девет европски пазар, а сега ќе треба да ги прошири своите услуги и на дополнителни 15 европски пазари. Меѓу земјите во кои iProspect ќе ја осплужува BMW Group се и големите пазари на Обединетото Кралство, Шпанија, Италија, Франција, Шведска, Полска и Германија.
iProspect ќе соработува тесно со агенцијата The Marcom Engine, која пак е задолжена за онлајн медискиот закуп на BMW Group на европскиот пазар.
„Горд сум на долгорочното партнерство што го имавме со BMW Group на многу европски пазари во изминатата деценија и возбуден сум да ја прошириме оваа врска на нови пазари. Страста за брендовите на групацијата и посветеноста кон создавање мерлива деловна вредност преку медиумите е суштински дел од оваа задача. Со нетрпение очекуваме да донесеме попрогресивно размислување, продлабочени сознанија за потрошувачите и високо колаборативен модел на услуги за да им помогнеме на BMW и MINI да го поттикнат својот бизнис напред“ – истакнува Томас Ле Тиери, извршен директор за медиуми на агенциската мрежа Dentsu International за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка.