Историјата на празникот на „Ноќта на вештерките“ е воглавно пропратена со страшни маски кои треба да ги бркаат злите духови, но како што празникот сé повеќе влегува во сферата на забавата и популарната култура, страшните маски сé почесто почнаа да се заменуваат со костими од нашите херои.
Во време во кое Холивуд е „опседнат“ со суперхероите на Марвел и ДЦ, луѓето како да имаат повеќе избор на „херојски“ маски од било кога. Меѓутоа, што е со автомобилите? Дали тие имаат свој суперхерој во кој би се маскирале или подобро речено, би биле маскирани од страна на нивните сопственици? И не, не е Бетмобилот. :)
Според германскиот автомобилски бренд BMW, тоа е нивниот иконичен модел во категоријата спортски седани – BMW M5. Имено, во пресрет на „Ноќта на вештерките“, на онлајн продавницата на BMW во САД буквално се појави костим од BMW M5, односно навлака од 500 долари која може да „маскира“ било кој друг автомобил во BMW M5.
Но, покрај маскирањето, „Ноќта на вештерките“ е секогаш пропратена и со малку дрзок хумор. Нели, „trick or treat“. Во таквиот дух, промотивната фотографија со која од BMW се одлучија да го промовираат „суперхеројскиот костим“ прикажува автомобил на нивниот најголем сонароднички конкурент Mercedes, маскиран во BMW M5.
„Оваа Ноќ на вештерските секоj автомобил може да се маскира во својот омилен суперхерој“ е пораката од BMW. На ред е да видиме како ќе одговорат од Mercedes.
Кампањата потсетува на една слична кампања од пред шест години, кога главни актери беа брендовите Pepsi и Coca-Cola.