Луксузниот моден бренд Balenciaga официјално ги прекина сите врски со раперот Кање Вест. Матичната компанија Kering соопшти дека повеќе нема да соработува на заеднички проекти со Вест по серијата на контроверзни јавни коментари на раперот, дел од кои беа оценети како антисемитски.
Компанијата посочи дека „веќе нема никаква врска, ниту планови за идни проекти поврзани со овој артист“, иако не објасни што ќе се случи со веќе остварените соработки.
Оваа одлука доаѓа набргу откако Вест ја отвори неодамнешната ревија на Balenciaga на модната недела во Париз. Неговите фотографии од настанот се веќе отстранети од веб-страницата на брендот.
Пред некое време, модната компанија Gap ја прекина долгогодишната соработка со Вест, а набргу потоа Adidas соопшти дека сé уште ја „евалуира“ ситуацијата. Вторава компанија моментално се наоѓа под голем притисок на јавноста и медиумите за прекин на соработката со Кање.
Работите со познатиот рапер ескалираа на почетокот од месецов, кога Вест се појави во маица на која пишуваше „Белите животи се важни“, спротивставувајќи му се на движењето „Црните животи се важни“.
Потоа следеа повеќе контроверзни објави на Кање на социјалните мрежи Инстаграм и Твитер, дел од кои од јавноста беа оценети како антисемитски. Како разултат на тоа, двете социјални мрежи му воведоа забрана на раперот за користење на нивните платформи.