Комитетот за огласувачки практики на Обединетото Кралство донесе нови правила во врска со огласувањето на обложувалниците и коцкарниците, со цел подобро да ја заштити младата и ранлива публика од изложеност кон овој порок.
Правилата, кои треба да стапат на сила од 1 октомври, ќе им забранат на обложувалниците и коцкарниците да се поврзуваат со „младинската култура“, односно: „коцкарските промотивни активности не смееат да бидат со силна привлечност за децата или младите, особено преку рефлектирање на или поврзување со младинската култура“.
Притоа, обложувалниците и коцкарниците нема да смеат да ангажираат спортски ѕвезди, славни личности или инфлуенсери на социјалните мрежи кои имаат најголемо влијание и популарност меѓу публиката на возраст под 18 години.
„Одбројани се деновите на реклами за коцкање со спортски ѕвезди, иконографија од видео игри и друга содржина со силна привлечност за помладите од 18 години. Со ставање крај на овие практики, нашите нови правила отпочнуваат нова ера во коцкарските реклами, поконкретно за возрасната публика што можат да ја таргетираат и која повеќе доликува на производот што го промовираат, ограничен според возраста“ – истакнува Шахријар Купал, директор на Комитетот за огласувачки практики на Обединетото Кралство.