Пред да купат нови производи, а особено ако се работи за некои поскапи уреди, повеќето луѓе прво ќе проверат што мислат корисниците на интернет за тој уред.
Многумина ќе донесат одлука за купување врз основа на рецензиите од новинари, блогери и инфлуенсери или врз основа на коментарите на форуми и разни страници. Се поставува прашањето, колку денес може да им се верува на ваквите рецензии?
Според британската организација за заштита на потрошувачи Which?, треба да се биде многу внимателен кога се читаат ваквите рецензии и коментари, а дефинитивно се препорачува детална анализа и пребарување на неколку извори на рецензии пред да се донесе одлука за купување. Причината за тоа се лажните рецензии кои што се продаваат на интернет, а благодарение на нив може да се создаде погрешен впечаток за одредени производи. Лажните рецензии може да се купат поединечно по цена од 5 фунти за една рецензија, а продавачите кои сакаат да купат повеќе лажни рецензии одеднаш, имаат на располагање и пакети на лажни рецензии, кои се движат од 620 фунти за 50 рецензии, па дури до 8000 фунти за илјада лажни рецензиии.
Екипата од организацијата Which? пронашла десет страници на кои се продаваат такви лажни рецензии и предупредува дека станува збор за навистина голем проблем. Доколку потенцијалните купувачи наидат на само позитивни коментари за производот, јасно е како ќе помислат дека станува збор за вистински рецензии на задоволни корисници и многу поверојатно е да го купат тој производ. Но, после купувањето, може да има големо разочарување кога ќе сфатат дека не го добиле она што го сакале.
Исто така, претходните истражувања на истиот проблем укажуваа на бројни групи на Facebook во кои на рецензентите им се нудат пари или производи во замена за лажни рецензии, односно за позитивни рецензии. Facebook, но и eBay, се обидуваат да застанат на патот на ваквите групи и велат дека вложуваат голем напор да ги откријат и да реагираат на нив. Истото се тврди и во Amazon, кој е особено под лупа, затоа што токму на нивната страница се пишуваат рецензии, вклучувајќи и лажни рецензии на бројни производи.
Натали Хичинс од таа организација верува дека Амазон, како и другите онлајн платформи, не се залагаат доволно за да ги спречат лажните рецензенти и измамат потенцијалните клиенти. Со оглед на тоа што онлајн купувањето се зголеми уште од почетокот на пандемијата и сè повеќе луѓе се потпираат на информации од прва рака од интернет, потребни се дополнителни напори за разоткривање на ваквите измамници и заштита на купувачите.