По повод одбележувањето на 40-годишнината од премиерата на првата епизода од популарната британска телевизиска серија „Сплетки“, британската пошта издаде ограничена серија поштенски марки со цитати од главните протагонисти од оваа сега култна серија на Би-Би-Си.
Со издавање на специјални поштенски марки, британската пошта често обележува настани и личности кои се првенствено важни за историјата, пред сè, на Велика Британија.
Така, овој пат, по повод одбележувањето на 40-годишнината од почетокот на емитувањето на култната серија „Сплетки„, тие одлучија да издадат 12 специјално дизајнирани поштенски марки кои прикажуваат сцени и познати цитати од серијата.
По повод одбележувањето на годишнината од серијата, но и по повод издавањето на специјалната серија поштенски марки, актерот Џон Чалис, попознат како Бојси, и` се обрати на јавноста преку Твитер, а во манир на ликот кој го толкуваше, ги покани сите да ги купат поштенските марки.
На поштенските марки се прикажани познатите сцени од серијата, како паѓањето на Дел Бој од шанкот или сцената со кршење на скапиот лустер, а овековечени се сите главни ликови на серијата – Дел Бој, Родни и чичко Алберт.
„Врвното сценарио, неверојатната содржина и необичните карактеристики на ликовите ја направија серијата „Сплетки“ една од најомилените комедии на сите времиња. Прославуваме 40 години “Сплетки“ преку поштенски марки кои ќе нè потсетат на некои од најсмешните сцени од серијата“, наведе Филип Паркер од „Ројал мејл“.
Седум сезони се емитувани помеѓу 1981 и 1991, а со повремени Божиќни специјални епизоди серијата трае до 2003 година.
И покрај фактот дека серијата е стара 40 години, авантурите на главните ликови, зачинети со специфичен британски хумор, ја направија оваа серија безвременска и до денес подеднакво гледана како и пред 40 години.