Властите треба да ја регулираат продажбата на брза храна на еднакво сериозен начин на кој тоа е направено со продажбата на тутун, со цел да се започне остра и решителна борба со гојазноста, како голем национален предизвик, предупредија британските здравствени стручњаци
Експертите побараа воведување строги ограничувања за промовирање на преработена храна во супермаркетите, забрана за продажба на брза храна во близина на училиштата, како и забрана за телевизиски реклами за пици, хамбургери и слична храна пред 21 часот.
Кампањата против рекламирањето на брза храна започна откако дебелината беше идентификувана како главен фактор на високата смртноста од ковид-19, пишува „Гардијан“.
Британскиот весник објави дека здравствените експерти ја споредуваат брзата храна со цигарите.
Во Англија, 64% од возрасните страдаат од прекумерна тежина или дебелина.
Британската влада сега подготвува мерки, кои веројатно ќе ги објави пред крајот на месецот, за борба против дебелината пред можниот втор бран на корона вирусот, наведува „Гардијан“.
„Погледнете каков успех постигнавме со тутунот. Не дозволувајте рекламирање, ограничете ја продажбата, воведете повисоки даноци, што и да треба“, изјави Ричард Мари, извршен директор на Кингс Фонд, независен истражувачки центар.
Здравствени експерти предложија и отворање на поголем број велосипедски патеки, забрана за слатки во благајните на продавниците, забрана за намалување на цената на алкохолот, обврска за рестораните да наведат број на калории на нивните менија, како и воведување данок на шеќер и млечни пијалоци.
Британскиот весник потсетува на позитивното искуство на Амстердам кога станува збор за борбата против дебелината.
Амстердам воспостави план за борба против дебелината во 2012 година, бидејќи беше откриено дека една петтина од децата страдаат од прекумерна тежина.
Во рок од три години, според британскиот весник, бројот на деца со прекумерна тежина се намалил за 12 проценти.