Програмата „Жени во СТЕМ“ на Британскиот совет обезбедува стипендии за талентирани научнички за магистерски студии во Обединетото Кралство, преку поттикнување на успехот во кариерата во светски рамки. Оваа година, програмата доделува 15 стипендии во 10 земји од пошироките рамки на Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија, преку обезбедување на пристап до разновиден опсег на курсеви, со сеопфатни придобивки како што се целосно покривање на школарината, месечни стипендии за живот, патни и визни трошоци, како и надоместоци за здравствено осигурување.
Во чест на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката (11. Февруари), програмата „Жени во СТЕМ“ на Британскиот совет нуди целосно финансирани стипендии за талентирани научнички од Северна Македонија за студирање на програмите по наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ) во Обединетото Кралство.
Оваа година, Британскиот совет доделува 15 стипендии (пет по универзитет) на научнички од Турција, Западен Балкан, Централна Азија и Јужен Кавказ. Програмата овозможува пристап до разновиден избор на магистерски програми на три истакнати британски универзитети – Универзитетот во Бат, Универзитетот во Брадфорд и Универзитетот во Дарам. По завршувањето на студиите, научничките се враќаат дома за да придонесат во СТЕМ секторот во своите земји, преку споделување на вредните врски и искуства од Обединетото Кралство.
Секоја стипендија за академската 2026-27 година вреди минимум 40.000 фунти, вклучувајќи школарина, стипендии за живот, патни и визни трошоци, надоместоци за здравствено осигурување и поддршка за англиски јазик. Стипендиите што го менуваат животот овозможуваат пристап до водечки светски научни и истражувачки универзитети во Обединетото Кралство и платформи за поврзување со експерти за СТЕМ и глобалната мрежа на алумни од Обединетото Кралство.
Подготвена како можност за оние на кои не им се пружила шанса да студираат во странство, програмата им дава приоритет на кандидатите кои не би можеле да продолжат со образование во странство без оваа стипендија. Нагласувајќи ја еднаквоста, различноста и инклузијата, програмата ги поздравува апликациите од жени од која било возраст. Дополнително, кандидатките мора да ги исполнат условите за прием на конкретната универзитетска програма, вклучително и поседување на соодветна диплома за додипломски студии.
За повеќе информации во врска со стипендиите достапни во Северна Македонија, посетете ја страницата Стипендии на Британскиот совет за жени во СТЕМ. Апликациите за стипендии за жени во СТЕМ се отворени до крајот на април 2026 година.
















