Пивскиот бренд Budweiser лансираше нова кампања на американскиот пазар како дел од која на сите индивидуи кои се вакцинирале или ќе се вакцинираат ќе им подари бесплатно пиво.
Со цел промоција на оваа понуда, брендот објави и рекламен спот насловен „Reunited with Buds“, што има двојно значење – „Повторно обединети со другарите“, односно „Повторно обединети со пивото на Budweiser“.
Рекламата прикажува барови кои се спремаат за повторно отворање, во комбинација со снимки од една од најпопуларните реклами во историјата на брендот за пријателството помеѓу едно куче и еден коњ. Видеото е пропратено со песната „Don’t Stop Me Now“ од Queen.
Понудата трае до 16 мај, а оние кои сакаат да добијат бесплатно пиво ќе може да се пријават преку специјализиран веб-сајт, при што ќе мора да го докажат своето вакцинирање.
Потпретседателката за маркетинг на Budweiser, Моника Русти, истакнува дека брендот „помага во отворањето на пат за пријателите безбедно да можат повторно да се обединат во баровите и рестораните“.
„Како еден од најголемите брендови на Америка, сметавме дека е важно да заземеме став по однос на ова прашање и да ги охрабриме луѓето да се вакцинираат со цел да можеме сите повторно да се дружиме“, додава Русти.