Брендот за брза храна Burger King, чие име во буквален превод значи „Крал на Бургерите“, во Чиле започна кампања за достава на бесплатни оброци до фановите кои живеат на улици именувани според кралеви или членови на кралски семејства. Промотивната кампања, соодветно насловена „Крал на улиците“, се реализира во соработка со сервисот за достава Uber Eats и агенцијата Wolf BCPP.
Burger King и Uber Eats мапираа преку 216 улици низ државата кои носат „кралски“ имиња како Фернандо од Арагон, Принцот од Велс, Кралица Софија, како и улици чии имиња го содржат шпанскиот збор за „крал“ во различни верзии – “Rey”, “Reyes”, “Reynolds” и слично.
Со цел да добијат бесплатен оброк, заинтересираните фанови кои живеат на некоја од „кралските“ улици треба да го нарачаат својот оброк преку мобилната апликација на Uber Eats и притоа да го внесат кодот “THEKINGOFTHESTREETS”, додека пак нивната идентификација се врши преку геолокализирање. Според проценките на Burger King, во акцијата ќе бидат испорачани околу 3,000 бесплатни оброци.
Маркетинг менаџерот на Burger King Chile, Соледад Фантузи, ја опиша кампањата како „многу интересна и едукативна“, поттикнувајќи ги фановите да се заинтересираат и да го истражат потеклото на името на нивната улица, а како награда можеби ќе добијат и бесплатен оброк.