Брендот за брза храна Burger King лансираше нова кампања во Обединетото Кралство и Франција со која ги охрабруваат потрошувачите да прават нарачки и кај нивните конкурентски компании, вклучувајќи го и McDonald’s.
Кампањата е лансирана во пресрет на најавените карантини во именуваните земји поради пандемијата на Ковид-19.
Напорите на Burger King се во насока на поддршка на рестораните и локалите за брза храна, чии вработени најмногу страдаат од намалувањето на приходите со наметнатите карантински ограничувања.
Соопштението кое беше објавено од Burger King гласи:
„Нарачувајте од McDonald’s.
Никогаш не сме помислиле дека ќе бараме од вас да го сторите тоа. Како што никогаш не сме помислиле дека ќе ве охрабруваме да нарачувате од KFC, Subway, Domino’s Pizza, Five Guys, Greggs, Taco Bell, Papa John’s, Leon… или кој било друг независен локал за храна, премногу бројни за да ги споменеме тука. Накратко, од кој било наш сестрински ланец за храна (брза или не толку брза).
Никогаш не сме помислиле дека ќе бараме од вас да го сторите тоа, но рестораните кои вработуваат илијадници луѓе навистина имаат потреба од вашата поддршка во овој момент.
Па, доколку сакате да помогнете, продолжете да си се частите со вкусни оброци преку достава до дома, нарачки за носење или драјв-тру. Да земете Whopper е секогаш најдобро, но и нарачката на Big Mac не е толку лоша работа.“